Македонија

Заев: Посветени сме да испорачаме решенија за кои ќе побараме одобрување и од граѓаните

21. февруари 2018 - 16:56 | Макфакс

Претседателот на Владата, Зоран Заев по средбата со германската канцеларка, Ангела Меркел, истакна дека Македонија е подготвена да испорача решенија во кои ќе бидат вклучени опозицијата, претседателот на Македонија, но и ќе побараат одобрување од граѓаните во земјава.

„Нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и на решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име. Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување и од нашите граѓани“ истакна Заев на заедничката прес конференција со Меркел, во рамките на официјалната посета на високата владина делегација на Германија.

Во своето обраќање Заев изрази задоволство од средбата и информираше дека на канцеларката ѝ честитал за прелиминарниот договор за владина коалиција во Сојузна Република Германија. Политички стабилна и силна Германија е во интерес на Европа и на Балканот, нагласи Заев во своето излагање.

„Оваа година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји. Нема подобра потврда за плодната соработка меѓу Македонија и Германија од фактите. Сојузна Република Германија е трговски партнер број 1 за нашата земја. Вредноста на трговската размена достигна околу 3.6 милијарди евра, и секоја година расте“, истакна Заев и соопшти дека наскоро се очекува да биде потпишана спогодбата за взаемно признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Германија.

Коментирај