Свет

За инает на Трамп - Иран ги зголемува резервите со ураниум на 950 тони

18. јули 2018 - 12:18 | М.Д.

Директорот на иранската организација за атомска енергија, Али Акбар Салехи, изјави дека Иран обезбедил дури 950 тони резерви со ураниум.

Тоа значи зголемување на резервите за околу 400 тони, откако Техеран во 2015 година постигна нуклеарен договор со западните сили.

Салехи, за државната телевизија, денеска рече дека Иран извршил увоз од околу 400 тони ураниум од 2015 година, со што своите резерви, кои до потпишувањето на договорот изнесуваа околу 500 тони, ги зголеми на количина од 900 до 950 тони.

Ова, како што истакна директорот на иранската нуклеарна агенција, е сосема доволно за Иран да ја постигне својата долгогодишна цел, за набавување на 190.000 центрифугални машини за збогатување со ураниум во иднина.

Нуклеарниот договор го ограничува иранското збогатување со ураниум на 3,67 отсто, што е доволно за употреба во нуклеарната централа, но е далеку под 90 отсто, колку што е потребно за изработка на атомско оружје.

Меѓутоа, откако во мај САД се повлече од нуклеарниот договор со Техеран, Иран најави дека ќе ги зголеми своите капацитети преку збогатување на ураниум, со цел, да изврши притисок на останатите земји потписнички на договорот, за тие да останат дел од компромисот.

Коментирај