Македонија

Врховниот суд во Атина ќе решава за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

27. април 2018 - 8:19 | МИА

Атина, 27 април 2018 (МИА) - Рочиштето во Врховниот суд во Атина, по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски се очекува да продолжи денеска, откако на 9 март, беше прекинато поради правни прашања.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, рочиштето минатиот месец се одржа зад затворени врати, по барање на тимот од двајцата грчки адвокати на Грујевски и Бошковски. Ваквото барање до шесточлениот совет на судии и обвинителот, адвокатите го образложија со тоа дека станува збор за политички прогон и се обвинети за политички криминал (нешто со што тие како одбрана не се согласуваат) објаснија дека во исказот што ќе го дадат има прашања кои што се доверливи, кои што не се за во јавност, со оглед на тоа дека рочиштата не се јавни и никој не знае кој сѐ се наоѓа во судницата. Безбедноста на нивните клиенти беше уште еден од аргументите на адвокатите.

Образложија дека исказите што ќе ги дадат се однесуваат на политички случај, со прислушувањата по кои имаше политички пресврт и промена на власта.

Како дополнителен аргумент, еден од адвокатите посочи дека во судницата има и новинари, кои што сакаат да објават што кажале Грујевски и Бошковски во исказот. За конкретниот случај досега, не постоеше никаков интерес во грчките медиуми и единствен новинар во судницата, беше дописничката на МИА од Атина.

Ваквите рочишта по правило се јавни, а само во одредени случаи се прават исклучоци и се одржуваат зад затворени врати.

По завршувањето на рочиштето, со полициско обезбедување, Грујевски и Бошковски беа повторно вратени во атинскиот затвор „Коридалос“.

Денеска ќе биде четврто рочиште во Врховниот суд во Атина. Освен минатото што беше прекинато, првите две се одложија. Едното поради тоа што немаше преведувач, другото поради отсуство на еден од двајцата адвокати.

За Грујевски и Бошковски во Грција, како што веќе објави МИА, се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот процес е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година. Сослушувањето пред комисијата за азил во Солун беше закажано за 15 февруари, но одложено, поради тоа што тие веќе се наоѓаа во Атина.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалба против одлуката на судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.

Коментирај