Бизнис

Венецуела го возвраќа ударот: Лансира нафтена криптовалута

21. февруари 2018 - 19:41 | А.С.

Венецуела лансира сопствена криптовалута во обид да ги заобиколи строгите економски санкции наметнати од американската влада.

„Петро“ е наменета да го зајакне разнишаното стопанство на земјата што страда од хиперинфлација и девалвација со години.

Венецуела тврди дека петро е првата суверена криптовалута во светот.

Критичарите велат дека ваквиот чекор е очајнички потег на Каракас да собере пари во време кога на Венецуела ѝ оди сѐ потешко во исплаќањето на странскиот долг од 150 милијарди долари.

Опозициските лидери велат дека продажбата на нафтената криптовалута е нелегално тргување, а Државната благајна на САД предупредува дека со ова се кршат санкциите наметнати лани.

Претседателот Николас Мадуро вели дека секој петро ќе биде поткрепен со барел венецуелска сурова нафта. Латиноамериканската земја ги има најголемите докажани резерви нафта на светот.

Понудени се вкупно 100 милиони петроси, со почетна цена од 60 долари за петро, цена базирана на цената на барел венецуелска сурова нафта во средината на јануари.

На официјалната веб-страница е објавен водич како да се отвори виртуелен паричник во кој ќе се чува криптовалутата, но нема линк за купување.

Економската криза во Венецуела во голема мера се должи на падот на производството и цените на нафтата од која зависи 96% од извозот на земјата.

Коментирај