Филм & ТВ

Вајнстин одговори на обвиненијата на Селма Хајек

15. декември 2017 - 12:31 | М.Д.

Актерката Селма Хајек е уште една од жените кои го обвинија холивудскиот продуцент Харви Вајнстин за сексуално злоставување. Таа изјави дека доживеала „кошмарно искуство“, бидејќи го одбила за време на снимањето на филмот за сликарката Фрида Кало.

За Вајнстин уште кажа дека бил нејзин монструм, но и ја опиша ситуацијата како се појавувал пред нејзините врати во било кој момент и што се барал од неа.

По повод нејзините изјави се огласи и самиот Вајнстин, кој ги негираше обвиненијата кои ги изнесе актерката во јавноста.

„Вајнстин не вршеше притисок на Селма да сними секс сцена со друга актерка, исто така тој не беше присутен на тоа снимање“, стои во објавеното соопштение.

„Како и да е, сцената беше дел од приказната, бидејќи Фрида Кало била бисексуалка“, се додава во соопштението.

Понатаму пишува дека продуцентот се залагал Хајек да ја добие улогата во филмот, иако инвеститорите сакале во главната улога да се појави Џенифер Лопез, која во тој момент била поголема ѕвезда и биле заинтересирани за нејзин ангажман.

Меѓутоа, Вајнстин успеал да ги убеди инвеститорите.

„Сѐ она што Селма го наведе не е точно, а другите сведоци на настанот, имаат различно мислење околу она што се случувало“, стои во соопштението.  

Коментирај