Бизнис

Twitter инцидентот на Елон Маск ги турна акциите на Tesla

17. јули 2018 - 16:12 | М.Д.

Акциите на американскиот произведувач на автомобили, Tesla, забележаа голем пад, а овој пат тоа се случи поради коментарите на извршниот директор.

Инвеститорите во компанијата, се чини дека не беа импресионирани од тоа што генералниот директор на компанијата, Елон Маск, минатата недела го нарече „педофил“ британскиот спасувач, кој минатата недела учествуваше во спасувањето на децата, кои беа заглавени во тајландската пештера.

Акциите на Tesla паднаа за 4 отсто, или за две милијарди долари после овој коментар на Елон Маск.

Во мај, акциите на Tesla претрпеа сличен пад, после неуспешниот перформанс на Маск, односно поради непристојното однесување на конференцијата за медиуми и инвеститори, на чии прашања одговараше со „здодевно, здодевно“.

Конфликтот помеѓу Маск и спасувачкиот тим од Британија почна минатата недела, кога тие ја одбија понудата на Маск, да ја вклучи својата мини подморница во спасувачката акција.

Шефот на тимот, рече дека подморницата на Маск не би имала никакви шанси да ги спаси децата, поради лошиот терен. Имаше уште неколку навредливи коментари, поради кои Маск очигледно не можеше да се воздржи.

Тој на Twitter напиша: „Извини педофилу, ти ова го бараше“, меѓутоа набргу го избриша овој твит.

Поради ова, шефот на спасувачката екипа рече дека размислува за тужба.

Само два дена пред овој твит, Маск во интервју вети дека ќе се обиде да биде помалку агресивен на Twitter.

Коментирај