Свет

Трамп или Путин: Кој навистина е кралот на нафтата?

17. јули 2018 - 18:04 | М.Д.

Русија и САД се конкуренти во извозот на нафта и гас, но постои и простор за соработка и регулација на енергетскиот пазар.

Ова го кажа рускиот претседател Владимир Путин, во текот на неодамна одржаната конференција со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Сметам дека ние, како држави со многу нафта и гас, а САД е таква земја, можеме конструктивно да работиме на регулација на меѓународните пазари, бидејќи ние не сакаме дополнителен пад на цената под долната граница, затоа што од тоа нашите произведувачи би имале штета, како и оние во САД, кои произведуваат нафта и гас“, рече Путин.

Според неговите зборови, под одредената граница исчезнува профитабилноста. Путин додаде и дека Москва и Вашингтон не се заинтересирани за „претерано високи цени“, како и дека постои простор за соработка.

Рускиот лидер, исто така рече дека Русија е подготвена да продолжи со транзитен гас преку Украина, ако се обезбедат добри услови за тоа.

„Што се однесува до „Северниот ток 2“, претседателот Трамп изрази загриженост во врска со евентуалниот прекин на транзитот преку Украина. Го уверив претседателот дека Русија е подготвена да го задржи тој транзит. Исто така, подготвени сме да го обновиме договорот за транзит, кој истекува следната недела, ако компаниите го решат спорот пред Стокхолмскиот арбитражен суд“, истакна Путин.

На ова, американскиот претседател, Доналд Трамп, рече дека Русија му е конкурент на САД во оваа област.

„Русија е добар конкурент, ние ќе се натпреваруваме“, рече Трамп на заедничката конференција за новинарите.

Трамп воочи самитот, рече дека ЕУ, Кина и Русија се непријатели на САД, поради економските и трговските прашања. Тој додаде дека САД наскоро ќе стане најголемиот произведувач на нафта и гас во светот и дека ќе се натпреваруваат за гасоводот со Русија.

Трамп, нешто порано, ја критикуваше Германија, обвинувајќи ја дека се потпира на Русија, кога е гасот во прашање, и упати жестоки зборови кон Ангела Меркел, поради изградбата на гасоводот „Северен ток 2“, со кој ќе се заобиколи Украина, како транзитна земја за пренесување на рускиот гас во Европа.

Трамп додаде дека тој и Путин, разговарале и за злосторствата на радикалниот исламски тероризам и дека се договориле заеднички да го решат ова прашање.

Коментирај