Бизнис

Русија – нов играч во трговската војна што ја разгорува Трамп

20. јуни 2018 - 11:20 | А.С.

Рускиот министер за економски развој Максим Орешкин најави дека Русија во најскоро време ќе воведе дополнителни даноци на увоз на американските стоки.

Ова е одговор на американските такси на увозен челик и алуминиум, пренесува новинската агенција ТАСС.

„Поради продолжување на дејството на американските заштитни мерки поврзани со увозот на челик и алуминиум, како и одбивањето да се надомести руската загуба, Русија ги користи своите права по прописите на Светската трговска организација и воведува повратни мерки за увозот од САД“, рече Орешкин и додаде дека мерките во вид на дополнителни даноци за американските производи ќе бидат воведени наскоро.

Според него, мерките ќе се однесуваат на производи што имаат еквивалент на рускиот пазар и нема негативно да се одразат на макроекономските показатели.

На новинарите во Министерството им беше кажано дека листата на производи што ќе бидат засегнати од таксите ќе биде составена во наредните неколку дена.

САД во март воведоа такси на увозот на челик и алуминиум од 25, односно 10 проценти, а се однесуваат на сите земји кои извезуваат во САД.

Поради ова ЕУ воведе повратни даноци, а истото го најавија и Канада, Мексико, Индија, Турција и други.

Трамп неодамна вети дека ќе го казни Пекинг за, како што рече, незаконските трговски пракси и крадење на американска интелектуална сопственост. Ваквата закана ја реализира во форма на воведување царини од 25% на увозот на кинеска стока, прво во вредност од 50 милијарди долари, што потоа порасна на 200 милијарди долари.

Кина набрзо потоа одговори дека планира да воведа тарифи од сличен обем и интензитет како одговор на САД.

„Кина не сака трговска војна, но кинеската страна нема друг избор освен остро да се спротистави на ова, поради кратковидното однесување на САД што ќе им наштети и на двете страни“, стои на веб-страницата на Министерството за трговија на Кина.

Коментирај