Живот

Мајстор за ПР - Елон Маск се извини за инцидентот со нуркачот

18. јули 2018 - 10:57 | А.С.

Елон Маск е едно од имињата што ќе го одбележи времето во кое живееме. Милијардерот и сопственик на „Tesla“, „SpaceX“ и „The Boring Company“ ја изгради својата империја благодарение на неговото визионерство, но и способноста да изведе беспрекорен ПР и да ги искористи социјалните мрежи како платформа за реклама.

Маск нема платено ни еден цент за реклама, туку вешто ги користи социјалните мрежи за промоција и презентација на неговите потфати. Тој е активен корисник, одговара речиси на сите пораки упатени до него и ги анимира обожавателите.

Меѓутоа, во оваа ситуација ќе му беше попаметно да молчи.

Маск вчера понизно се извини на британскиот нуркач Верн Ансворт бидејќи го нарече „педофил“ откако овој изјави дека понудата на милијардерот да помогне во спасувањето на децата од пештерата во Тајланд со негов прототип на подморница била само ПР опортунизам.

„Неговата постапка кон мене не е оправдување за мојата постапка кон него и за тоа се извинувам“, рече Маск и додаде дека коментарот на Twitter што подоцна беше избришан, го напишал „во лутина“.

Меѓутоа, онлајн препирката беше доволна за да се разниша довербата на инвеститорите во „Tesla“ и вредноста на акциите на компанијата за производство на електрични возила падна за 4 %.

Извинувањето на Маск следеше по веста за падот на вредноста на акциите и информацијата дека Ансворт размислува да поднесе тужба против него за клевета.

Дали мајсторот за ПР ќе успее да се извлече и од оваа ситуација со неговата слаткоречивост, останува да се види, иако неговите обожаватели покажаа дека се разочарани од ваквото негово однесување.

Коментирај