Македонија

Јанева: Очекувам највисоки казни за Мијалков и за Грујевски

22. ноември 2017 - 15:34 | Макфакс

Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека очекува највисоки казни за поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков и ексначалникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски кои се обвинети во предметот „Таргет – Тврдина“, откако денеска беше соопштено дека е донесена и првата пресуда за еден од обвинетите во случајот кој што признал вина за прислушувањето.

Постапката за него била раздвоена и посебно му се судело. На 17 ноември била донесена пресуда. На него му е изречена алтернативана мерка – условна осуда за кривичното дело помагање на сторител во извршено кривично дело, потврди Јанева.

Во споениот предмет „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски. Станува збор за случај поврзан со масовното прислушување во УБК, како и уништувањето на опремата за прислушување.

Коментирај