Филм & ТВ

Филмот за Фреди Меркјури доби официјален трејлер

18. јули 2018 - 10:41 | А.С.

Филмот на кој се работи од 2010 година и чие снимање беше прекинувано неколку пати, со промена на режисерот и главниот актер, конечно доби официјален трејлер и е подготвен за големото платно.

По сите продукциски проблеми, публиката конечно ќе има прилика да ја види филмуваната приказна за еден од најлегендарните бендови на сите времиња, „Квин“ и фронтменот кој ја смени музиката засекогаш – Фреди Меркјури.

„Bohemian Rhapsody“ ја следи приказната од првите подеми на „Квин“ во 70-тите, кога Меркјури се здружил со Брајан Меј и Роџер Тејлор, преку хуманитарниот концерт Лајв ејд во 1985 година за собирање средства за гладните во Етиопија, проследено со животните драми на неповторливиот Фреди.

Како што беше претходно најавено, во филмот не се опфатени последните години од животот на Меркјури кога се зарази со ХИВ вирусот, и неговата смрт.

Улогата на славниот пејач, што првично се шпекулираше дека ќе му припадне на Саша Барон Коен, ја толкува Рами Малек, познат по улогата на Елиот Андерсон во ТВ-серијата „Mr. Robot“.

Во останатите улоги се појавуваат Бен Харди, Гвилим Ли и Џозеф Мацело како останатите членови на бендот – Роџер Тејлор, Брајан Меј и Џон Дикон.

Филмот го потпишува режисерот на „X-Men“ Брајан Сингер.

Коментирај