Бизнис

Apple почна да им конкурира и на автомобилските компании

21. февруари 2018 - 18:47 | К.З.

Технолошкиот гигант Apple е во преговори да купи огромни количини кобалт директно од рудниците кои го ископуваат овој материјал за да се заштити од потенцијалниот дефицит кој би можел да се појави во наредните неколку години.

Кобалтот се користи во производството на батерии за мобилни телефони, но е и клучен елемент во производството на батерии за електрични автомобили.

Ова е првпат Apple да покаже иницијатива за купување кобалт, кој досега го купуваат само компаниите кои ги произведуваат батериите. Компанијата сака да потпише минимум петгодишен договор за соработка со некој од поголемите рудници во светот за да си обезбеди сигурен извор кој ќе ги снабдува со материјалот од прва рака.

Од другата страна се наоѓаат најголемите светски автомобилски компании како BMW и Volskwagen, кои исто така сакаат да потпишат долгорочни договори со рудниците поради лансирањето на новите погони кои ќе произведуваат исклучиво само електрични автомобили.

Според податоците кои ги обезбеди Bloomberg, за производство на батерија за мобилен телефон се користат околу 8 грама рафиниран кобалт, додека за производство на батерија за електричен автомобил се потребни барем уште 1.000 пати повеќе од таа количина. Околу четвртина од целосната потрошувачка на кобалт на глобално ниво оди во погоните за производство на смартфони, а најголемите рудници за овој материјал се во Конго, каде постојат многу дискутабилни норми околу човековите и работничките права.

Коментирај